Деветти парламентарни избори во Албанија

Гласање на парламентарните избори во Албанија.

Албанските граѓани денеска ќе гласаат на деветтите по ред парламентарни избори во плурална Албанија. Овие избори се одржуваат во јубилејна година, 30 години од падот на комунистичкиот режим. За за безбеден изборен процес се ангажирани 7.159 полициски службеници. Од петокот 74 објекти од државен интерес обезбедува албанската армија, а високите судски институции ги обезбедуваат припадниците на Националната гарда.

На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140-те пратенички места во трка се 1.841кандидати, од нив 39,7 отсто жени. Главната битка ќе се одвива меѓу вечните политички опоненти Социјалистичката партија на Еди Рама, која е сигурна во обезбедувањето на третиот мандат со две третини од мандатите и Демократската партија на Љуљзим Баша, која е повеќе од сигурна дека ќе го добие првиот мандат, со изборен триумф. Тука е и Движењето за социјалистичка интеграција, на Моника Круемади, сопруга на претседателот Илир Мета, која со ПД имаат потпишано договор за постизборна коалиција.

Право на глас, според единствениот избирачки список имаат над 3.588.869 гласачи, од нив за првпат правото на глас имаат 107.024. Се гласа на 5.199 избирачки места во 61 изборна единица.


Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција на овие парламентарни избори нема своја кандидатска листа. Затоа пак нејзиниот лидер и актуелен пратеник, Васил Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија за округот Корча, каде го доби првиот мандат, кога партијата беше во коалиција со ЛСИ.