Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопшти дека извршиле претрес на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и дека се одземени компјутери. Во соопштението на ОЈО се наведува дека во истрагата досега не се пронајдени материјали за испити за идните судии и обвинители и дека не е одземен Софтвер за приемни испити на Академијата за судии и обвинители.
Обвинителството извршило претрес во канцеларии на Правниот факултет во рамки на истрагата поврзана со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и фирмата за софтвери „Инвока груп“. Фирмата изнајмила простории на Правниот факултет.
Истрагата се однесува на четири луѓе за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување. На Правниот факултет е извршен претрес во просториите што ги користел осомничениот управител на правно лице и се одземени компјутери, потврдуваат од Обвинителството. Управител на фирмата „Инвока груп“ е Даниел Станчев. Во медиумите беше објавено дека преку Инвока бил набавен софтверот за тестирање на кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители.
Од Обвинителство информираат дека во досегашната истрага, не се пронајдени материјали поврзани со приемните испити на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители.
„Што се однесува до Софтверот за полагање на испитот за прием на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители, истиот не е одземен, посочуваат од ОЈО.
Од фирмата „Инвока груп“ Генералниот секретаријат на Владата го купил и софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни. За овој случај беше отворена истрага, а во домашен, а потоа и во притвор во Шутка завршија Рашковски и Станчев, а другите две лица добија мерки за претпазливост.