Кина ги отфрла обвинувањата за геноцид врз Ујгурите

Камп во Синџијанг

Портпарол на кинеската комунистичка партија во северозападната провинција Синџијанг го критикуваше Долниот дом на британскиот Парламент, кој оваа недела усвои Декларација со која третманот на Кина врз Ујгурите се смета за геноцид. Според кинеските власти, документот е „целосно неоснован“ и „спротивен на фактите“.

Се верува дека најмалку еден милион Ујгури и други, претежно муслимански малцинства, се наоѓаат во логори во Синџијанг. Според документираните злоупотреби, тие се произволно затворани, им се врши присилна стерилизација и се присилуваат на работа.

Владата на САД и парламентите на Белгија, Холандија и Канада го обвинија Пекинг за геноцид. Долниот дом на британскиот Парламент на 22 април донесе необврзувачка декларација со која третманот од кинеските власти врз Ујгурите и другите претежно муслимански етнички малцинства во Синџијанг се смета за злосторство против човештвото и геноцид.

Според кинеските власти, британскиот Парламент донел таква одлука врз основа на забелешки на некои политичари и некои, како што наведуваат, таканаречени академски институти, експерти и научници, како и некои таканаречени сведоци.

Кинеската влада постојано ги отфрла обвинувањата за малтретирање, велејќи дека логорите, за кои тврдат дека сега се затворени, се центри за стручно учење, кои помогнале во борбата против екстремизмот.

Хјуман рајтс воч (ХРВ) неодамна препорача да се формира комисија на ОН која треба да ги испита наводите и да ги открие одговорните. Но, групата соопшти дека не ја документирала намерата за геноцид.

Заменик советникот за национална безбедност на Белата куќа, Дејлип Синг, на 23 април рече дека американскиот претседател Џо Бајден ќе го искористи состанокот на Групата Г7 во јуни за да го зголеми притисокот врз Кина во врска со употребата на присилна работа во Синџијанг.