Рециклираното вселенско летало „Спејс Икс“ денеска се прикачи на Меѓународната вселенска станица, еден ден откако полета од вселенскиот центар Кенеди на Флорида со четворица астронаути.
Ова е трето лансирање, зад кое стои приватната компанија на Илон Маск, „Спејс Икс“, под покровителство на НАСА, но е првпат да се прати рециклирано летало, односно ракета и капсула што и претходно се користени.
Со рециклирањето на летала и ракети се прават напори НАСА да заштеди на трошоците и да ги предаде мисиите во ниската земјина орбита на приватни компании.
Екипажот го сочинуваат двајца Американци, еден Јапонец и еден Французин.
Минатата недела НАСА му додели договор на Спејс Икс вреден 2,9 милијарди американски долари за да направи летало со кое ќе се носат луѓе на Месечината, за прв пат по мисијата „Аполо 17“ во 1972 година.
Руските научници, исто оваа недела, рекоа дека се надеваат дека ќе почнат да изградат своја вселенска станица до 2030 година, со што ќе свртат нова страница по децениската соработка со САД на веќе остарената Меѓународна вселенска станица.