Полицијата во Шри Ланка соопшти дека рано утрово уапсила пратеник, кој е и поранешен министер, и неговиот брат. Тие се уапсени под сомнение за тероризам, за нападите на Велигден пред две години, при што загинаа стотици луѓе. Приведени се поранешниот министер Ришад Батиудин и неговиот брат Ријаџ Батиудин во рациите во нивните домови во главниот град Коломбо. Полицискиот портпарол Аџит Рохана соопшти дека тие се уапсени оти имало докази дека имале врски со бомбашите самоубијци кои ги извршиле нападите.
Лидерот на римокатоличката заедница во Шри Ланка, кардиналот Малколм, оваа недела го критикуваше темпото со кое се спроведува истрагата за нападот врз цркви, хотели и резиденции на 21 април 2019 година.
Во експлозиите што ги предизвикаа девет исламистички бомбаши самоубијци загинаа 279 лица. Нападите беа извршени во три цркви за време на велигденските богослужби, потоа имаше напади во три луксузни хотели и во две резиденции. Во нападите беа повредени уште 500 други луѓе. Одговорноста ја презеде милитантната група Исламска држава (ИД).
Ришад Батиудин е врвен муслимански лидер кој е на чело на Конгресната партија Цејлон Макал, која ги поддржа уставните амандмани во октомври за да му се даде поголема моќ на претседателот Готабаја Рајапакса над судството и законодавниот дом.