По едномесечната изборна кампања, која се одвиваше многу поразлично од досегашните, поради пандемијата со ковид-19, денеска во Албанија е изборен молк, пред утрешните деветти по ред парламентарни избори во земјата.
Кампањата во двата најголеми политички табора, Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама и демократската на Љуљзим Баша, која ја предводи изборната коалиција „ПД-Алијанса за промени“, ја почнаа во исто време но на различни локации во Тирана, а ја завршија првите во Валона, а вторите на плоштадот „Мајка Тереза“ во Тирана.
Рама дури и во Валона не остана без да ја нападне опозицијата, нагласувајќи дека на 25 април „сите ќе ги оставиме зад нас“ и Баша и претседателот Илир Мета, кого го нарече национален срам, и Моника Круемади претседателката на ЛСИ, кои, според него, ќе останат духови од минатото.
За разлика од социјалистите, демократите на Баша изборните активности во целост ги одржуваа со големо присуство на народ, а така беше и синоќа на плоштадот „Мајка Тереза“ во Тирана.
Во обраќањето Баша, меѓу другото, рече дека „недела ќе биде ден на промени по осум тешки години“.
Кампањата беше преполна со обвинувања и навреди, регистрирани беа два инцидента со кршење на прозорци на спротивните табори, полицијата веќе поведе постапка за обид за купување гласови од страна на ЛСИ, а во вооружен напад во Елбасан беше убиен активист на партијата на Рама.
Не изостанаа ни преписките по социјалните мрежи и на јавните настапи преполни со навреди и обвинувања меѓу Рама и Баша и Рама и Мета, кој пак најави дека доколку Рама победи на слободни избори, на 26 април ќе си поднесе оставка.
Преку видеопорака странските дипломати во Тирана, повикаа на слободни и фер избори, нарекувајќи ги многу значаен настан за демократијата. Тие апелира до граѓаните да не го продаваат гласот.