Нема напредок по средбата на македонско-бугарската комисија

Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не беше воопшто дискутирана на македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во соопштението од Министерството за надворешни работи е наведено дека по долгата дискусија која се водеше он лајн во текот на денешниот и вчерашниот ден остануваат големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја.

„Од македонската страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови. Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година“ се вели во соопштението.

Технички состанок на македонско-бугарската историска комисија

На оваа средба се разговарало за забелешките на бугарските членови на комисијата за македонските учебници по историја за седмо одделение, откако на претходната средба се дискутирало за бугарските учебници за 6 одделение.
Следната средба е закажана за 10 и 11 јуни на која ќе треба да се се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција.