Компанијата „МГ Фешн“ соопшти дека доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната „МГ Фешн“ како инвеститор на проектот „Гранд Скопје, компанијата има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета.
Евентуалното прифаќање на иницијативата да се искористи законската можност за суспензија на планот за градење, од страна на Општина Центар, како што посочуваат, ќе предизвика огромна материјална штета по нив како инвеститор.
„Штетите кои ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба кое произлегува од правото на сопственост, и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата, за урбанистичките планови од државно значење“ се вели во соопштението на МГ „Фешн“.
Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темели иницијативата за суспензија, додаваат, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување.
„Не само што штетата не е докажана, туку и на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните“ се вели во соопштението.
Законски опции за спречување на градбата на парцелата кај Холидеј Ин
Бетонско чудовиште или урбан „зелен објект“ ќе никне спроти „Холидеј Ин“
Деталниот урбанистички план, посочуваат, е донесен во законита постапка, во која од страна на вклучените органи Град Скопје, Министерство за транспорт и врски била проверувана усогласеноста на планот со плановите од повисоко ниво, вклучително и Генералниот урбанистички план, по што по спроведена јавна анкета истиот план бил донесен, а сé до донесување на нов, додаваат, на важност е посточекиот детален урбанистички план. Идејното решение, кое е одобрено од Општина Центар, информираат, е со параметри кои се 55 проценти помали од предвидените со важечкиот ДУП .