Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека прекројувањето на границите на Балканот е опасна тема која според него, не е реална. На прес-конференцијата во Приштина, по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Мас посочи дека проблемите не можат да се решат со цртање нови мапи и подвлече дека разговорите на таа тема се опасни.
„Среќен сум што ова брзо беше ставено во фиока“, изјави Мас.
Посетата на германскиот министер за надворешни работи на Косово доаѓа откако во медиумите се појавија обвинувања за наводниот предлог на словенечкиот премиер Јанез Јанеша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин за решавање на хроничниот проблем меѓу шест држави од регионот.
Јанша одбива да го коментира „нон-пејперот“ за Западен Балкан
Деновиве медиумите објавија дека словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно му предал т.н. нон-пејпер на официјален Брисел, во кој се оценува дека процесот на распаѓање на поранешна Југославија не е завршен. Сепак, министерот за надворешни работи на Германија вели дека не е запознаен со ваков проект и додаде дека терминот „нон-пејпер“ кажува сè.