Историчарите од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија денеска го одржуваат 13-от состанок, на кој ќе разговараат за учебниците од седмо одделение и за прашањата за ликот и делото на Гоце Делчев.
Последниот состанок на комисијата беше во февруари, во услови на затегнати односи меѓу двете земји по бугарската блоката за почеток на македонските преговори со ЕУ.
На 12-тата средба не беше постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а немаше ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век, како што соопшти Министерството за надворешни работи.
Во соопштението на МНР беше наведено дека на предвидениот дневен ред биле прашања поврзани со содржината на записникот од 10-тата средба, како и изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст-препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Комисијата тогаш не го отвори прашањето за Гоце Делчев и за неговото евентуално заедничко чествување, се вели во соопштението.
Бугарскиот копретседател на Комисијата Ангел Димитров изјави дека 12. состанок завршил без напредок и дека сѐ уште не е решен спорот околу Цар Самоил и случувањата од периодот на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи како што рече, кај македонската страна постоела „целосна воздржаност да се спомне дека заедничката историја започнала во Средниот век“, како и поради „двоен стандард во проценката за Самоил.“
Македонските членови на Комисијата тогаш брифираа дека понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своите стари ставови кои како што рекоа „се во основата на спорот меѓу двете историографии.“
Тие рекоа дека нивните колеги од Софија инсистираат да се наметне еднозначно решение кое е туѓо за начинот на кој се надминуваат спорови што произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото.
Денешниот 13. состанок на Комисијата се одржува онлајн.