Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека очекува повторно отворање на терасите во рестораните и скратување на полицискиот час од 24 април, бидејќи кампањата за вакцинација на земјата овозможила натамошно отворање на економијата.
Гергели Гулјас на брифинг одржан денеска рече дека до 23 април е можно да бидат вакцинирани 3,5 милиони Унгарци против коронавирусот, а бројкаа до следната недела би можела да се искачи на 4 милиони или околу 40 проценти од популацијата на Унгарија.
Унгарија, чија економија беше погодена од пандемијата на Ковид-19, постепено започна да ги отвора продавниците и другите услужни дејности претходно овој месец, во услови кога една четвртина од населението е вакцинирано - потег што Унгарската медицинска комора го нарече предвремен.
И покрај успехот во кампањата за вакцинација, Унгарија до неодамна се бореше со висока стапка на инфекции и смртност. Централноевропската земја со 9,8 милиони жители регистрираше скоро 761.000 инфекции и 26.000 смртни случаи.