ОБСЕ - Југоисточна Европа заеднички против климатските промени

Илустрација - шумски пожари во Хрватска.

Климатските промени се забрзуваат на глобално ниво, а ефектите се чувствуваат низ Југоисточна Европа со зголемена фреквенција и интензитет на топлотни бранови, суши, поплави и пожари, се вели во извештај на ОБСЕ и берлинскиот истражувачки и аналитички центар „Аделфи“ објавен денеска.

Во извештајот се идентификувани ризици, жаришта, заеднички предизвици и можности за соработка. Исто така наведени се седум групи на ризици во однос на регионалната безбедност и стабилност, земјоделството, туризмот, енергетиката, здравството и шумите, но и седум специфични географски жаришта, како што се заеднички речни сливови, планински екосистеми, загадувањето на воздухот и миграцијата.

„Климатските промени се едно од најважните прашања во нашето време во политиката, економската, социјалната и еколошката сфера. Исто така можат да се појават како безбедносно прашање кога се во интеракција со други притисоци како што се нееднаков економски развој, социјална нееднаквост и ограничувања на ресурсите. Овие предизвици можат да се решат само преку мултилатерален и кооперативен пристап“, изјави генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.

Во извештајот се нагласени неколку можности за регионална соработка кои треба да се искористат за да се решат безбедносните ризици поврзани со климата. Марија Шмид додава дека во Југоисточна Европа веќе е постигнат напредок со мапирање на споделени потенцијални ризици и дефинирање на заеднички решенија.