Рекорден број на новозаразени во Индија

Илустративна фотографија - жители на Индија заразени од коронавирусот добиваат здравстена помош.

Индија во изминатите 24 часа регистрираше 314.835 нови случаи на коронавирус, што е најголем број за еден ден во една земја од избувнувањето на пандемијата, соопштија локалните здравствени власти. Со тоа бројот на заразени лица во земјата се искачи на 15,9 милиони од почетокот на епидемијата.

Индија е погодена од силен втор бран, а акутниот недостиг на кислород предизвикува зголемен страв поради преоптоварениот здравствен систем.

Тоа беше причина за највисокиот суд во Делхи јавно да ја критикува централната влада за нејзиното справување со кризата.

„Ова е смешно. Ние сакаме да знаеме што прави центарот во однос на снабдувањето со кислород низ Индија“, рекоа судиите.

На владата ѝ е наложено да обезбеди снабдување со кислород од фабриките до болниците низ Индија, пренесува Би-Би-Си.

Многумина починаа низ целата земја чекајќи кислород, иако не е возможно да се знае колкав е бројот. Индиските социјални медиуми исто така се исполнети и со апели за кислород.

Толпи луѓе се собираат пред болниците во поголемите градови каде капацитетите се исполнети. Здравствените служби се борат да се справат со сѐ поголемите предизвици.

Во меѓувреме, властите во најтешко погодената држава Махараштра најавија дополнителни ограничувања почнувајќи од четвртокот навечер. Областа веќе е делумно заклучена од 14 април.

Махараштра е најбогатата индиска држава и дом на нејзиниот финансиски центар Мумбаи. Таа е жариште на Ковид од почетокот на пандемијата, бидејќи една таму се пријавени една четвртина од вкупниот број случаи во Индија.

Индија, која има 1,4 милијарди жители, досега потврди повеќе од 180.000 смртни случаи од Ковид-19. Досега вакцинирани се 130 милиони луѓе.