Граѓаните кои примија прва доза АстраЗенека, може да се ревакцинираат во Србија

Србија- медицинска сестра подготвува вакцина против Ковид19 во вакционален пункт во Белград, 25.03.2021

Граѓаните кои примија прва доза од вакцината „Астра Зенека“, а сакаат да се ревакцинираат со истата вакцина, тоа може да го сторат во соседна Србија. Министерството за здравство останува на препораката да не се прима ревакцината од „Астра Зенека“ кај лица помлади од 60 години.

„Доколку граѓаните сметаат и имаат волја да ја примат втората доза на вакцината на „Астра Зенека“ тоа може да го сторат во соседна Србија. Ние не препорачуваме да се прими ревакцина од вакцината „Астра Зенека“ кај сите кои имаат возраст помала од 60 години“, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Филипче - Со стратешкиот договор со „Торлак“ обезбедуваме сигурен извор на вакцини во иднина

Засега, Министерството останува на ставот оваа вакцина да се дава на лица постари од 60 години.

„Ние засега нема да ја даваме вакцината на „Астра Зенека“ кај помлади лица од 60 години затоа што сепак има мала бројка на тромботични ситуации кои се посебно предизвикани кај помлади луѓе и сметаме дека треба да бидеме внимателни. Се уште нема јасна препорака, иако има некои најави, дали лицата кои се помлади од 60 години, а примиле прва доза од „Астра Зенека“ дека треба да примат друга вакцина. Од препораките што ќе произлезат од националните агенции на некои европски држави или од Европската агенција за лекови, ќе зависат и нашите препораки, рече Филипче.

Појасни дека тромботичните реакции се јавуваат отприлика 14 дена по примањето на првата доза од вакцината. Околу 15 000 македонски државјани според српскиот министер за здравство Златибор Лончар се вакцинирале во Србија. Голем дел од нив ја примија вакцината АстраЗенека.