Рашковски од домашен, оди во затворски притвор

Поранениот генерален секретар на Владата Драги Рашковски

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по жалбите од Обвинителството за куќниот притвор за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и сопственикот на Инвока Даниел Станчески го преиначи решението на судија на претходна постапка и на двајцата место куќен им изрече 30 дена затворски притвор, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Судијата на претходна постапка во петокот на двајцата одлучи да им изрече мерка домашен притвор додека Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал бараше ефективен притвор и најави дека ќе ја обжали одлуката.

Поранешниот генерален секретар на Владата и доскоро висок владин службеник е осомничен во случајот за јавна набавка на софтер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело.

Во случајот осомничен е и Даниел Станчески од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.