Владиниот портпарол Душко Арсовски соопштувајќи го ставот за последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ изјави дека Владата со целиот капацитет ќе се насочи кон тоа повеќе да нема случаи на притисоци врз новинари и медиуми кои се наведени во документот. Според него, забелешките ќе бидат земени сериозно предвид.
Тој ги повика сите општествени фактори да бидат на висина на сопствената одговорност, да учествуваат во натамошното подобрување на состојбата и да придонесат во нагорниот тренд во медиумската слобода во земјата. Арсовски наведе и дека Владата реагирала во случаи кога неколку претставници на институции од извршната власт имале непримерна комуникација со новинарите и за нивните постапки биле преземени соодветни мерки.
„За мал дел од случаите беше побарана постапка од МВР, како во случајот со заканувачот кон две новинарки, што институциите експресно го расчистија. Затоа, го повторуваме апелот- секој случај да биде пријавен во полиција и тоа е најбрзиот и најсигурниот начин да се сузбие оваа појава. Го охрабруваме и Обвинителството и судството побрзо да ги процесираат случаите. Владата ќе продолжи и понатаму најенергично да реагира на појавите на закани кон медиумските работници, но треба да се има предвид и дека свој придонес и еднаква одговорност за перцепцијата за слободата на медиумите носат и сите други чинители, како што се политичките партии и останатите фактори во општеството, активни во сферата на јавните комуникации“, истакна владиниот портпарол на редовната прес-конференција на која информираше за одлуките донесени на вчерашната седница.
Северна Македонија во најновиот Светски индекс за слободата на печатот што вчера го објави организацијата Репортери без граници, е на 90 местото на табелата со индекс 31,67. Со тоа земјата е рангирана во портокаловата зона односно во групата земји кои имаат проблематична средина за слободата на печатот. Во претходниот извештај на Репортери без граници Македонија беше на 92-то место.