Рускиот претседател Владимир Путин го искористи неговотo 17-то годишно обраќање на нацијата на заедничката седница на рускиот парламент за да упати закани против, како што рече, странски провокации, ветувајќи дека Москва ќе одговори остро и на брз начин.
Путин зборуваше на само неколку часа пред приврзаниците на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални да се соберат на масовни протести на кои ќе побараат тој да добие независна медицинска нега и за време на подготовките за изборите што ќе се одржат пред 19 септември и во услови на социјален пад од глобалната пандемија на коронавирус.
Националното телевизиско обраќање доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Москва и САД и ЕУ во врска со конфликтот во источна Украина и немирите во соседна Белорусија по спорните претседателски избори минатиот август.
Во својот говор, Путин рече дека Москва се стреми да има добри односи со други земји, но предупреди дека ниту една странска држава не треба да ги преминува „црвените линии“ на Русија.
„Секој што организира какви било провокации што ја загрозуваат нашата безбедност, ќе зажали на начин на кој никогаш претходно не жалеле за ништо“, рече Путин.
На почетокот на своето обраќање, Путин се фокусираше на ковид пандемијата, која силно ја погоди Русија. Путин рече дека Русите треба да добијат колективен имунитет од болеста до оваа есен и ги повика сите граѓани да се вакцинираат против коронавирусот.