Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека службите на министерството ќе постапат веднаш доколку Општина Центар до нив достави елаборат за суспензија на спорниот ДУП за парцелите спроти Холидеј Ин каде треба да се градат висококатници.
„Во моментот кога ќе го добиеме барањето од која било општина, дали е Центар или која било, во рок од 15 дена ќе се изјасниме во однос на суспензија на тој план, тоа е наше мислење коешто се враќа во Советот на матичната општина и потоа гласат советниците. Додека не добиеме барање за суспензија или елаборат за суспензија ние немаме предмет по кој ќе постапуваме. Не знам зошто се создава слика дека некој нешто избегнува да одговори или јавноста не е запознаена, или се создава некаква забуна кога реков и повторувам дека во моментот кога ќе се добие тој елаборат ќе ја информирам јавноста секако и ќе постапиме во законскиот рок за потоа да го вратиме предметот во општината да си се изјасни“, изјави Бочварски.
Според него, досега од општината испратиле само прашалник како да се изработи елаборатот. Елаборатот го изработуваат стручните служби на Општина Центар, Комисијата за урбанизам, и го доставува до Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за брз автобуски превоз во Скопје.
Инвеститорот „МГ Фешн“ преку електронскиот систем на општината поднел барање за градежна дозвола, а изградбата може да се спречи доколку Советот на општина Центар донесе одлука за суспензија. Но, штетите доколку се влезе во постапката за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект, ќе ги сноси општината.