Медиуми јавуваат дека Германија планира повлекување на своите трупи од Авганистан до 4 јули. Германската новинска агенција ДПА и француската АФП го цитираа портпаролот на Министерството за одбрана дека пратениците биле информирани за планот и дека во тек се консултации со НАТО.
„Сегашното размислување ... е да се скрати периодот на повлекување. Се разгледува датумот на повлекување на 4 јули“, рече портпаролот на Министерството за АФП, нагласувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе НАТО.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави повлекување на американските трупи од Авганистан до 11 септември, четири месеци подоцна од крајниот рок од 1 мај, договорен од претходната администрација на САД со талибанците.
Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер претходно ја постави средината на август како краен рок за отстранување на германските војници од Авганистан.
Според договорот од Доха, сите странски сили требаше да го напуштат Авганистан до 1 мај во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, како што се раскинување на врските со Ал-Каеда и талибанците да не засолнуваат странски терористи. Талибанците исто така ветија дека ќе преговараат за прекин на огнот и договор за поделба на моќта со Кабул.