Московските власти соопштија дека не одобриле митинг за поддршка на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални, планиран за денеска, објави новинската агенција Интерфакс. Руските власти, кои ги растераа претходните митинзи и уапсија илјадници луѓе, изјавија дека планираните протести се незаконски и ги предупредија луѓето да не излегуваат на улица.
Состојбата на затворениот руски опозиционер Алексеј Навални нагло се влоши по штрајкот со глад од две и пол недели, што ги натера приврзаниците да кажат дека тој би можел да умре за неколку дена и објавија протест низ целата земја.
„Алексеј сега умира. Со оглед на неговата состојба, тоа е прашање на денови“, изјави портпаролот на Навални, Кира Јармиш на Фејсбук. Поддржувачите на Навални повикаа на демонстрации низ Русија на 21 април преку објава на блог.
Лекарите кои сакаат да го прегледаат Навални повторно не биле примени во затворот
Американскиот претседател Џо Бајден беше прашан за состојбата на Навални во саботата. „Тоа е тотално, тотално нефер“, рече Бајден.
Навални (44) се наоѓа од 11 март во озлогласениот затворски камп ИК-2 на околу 100 километри од Москва. Критичарот на претседателот Владимир Путин беше затворен за прекршување на правилата за условен отпуст додека се опоравуваше во Германија од речиси фаталното труење во Сибир, за кое тој и западните влади го обвинија Кремљ. Руските власти негираат вмешаност.