Шесттиот пакет мерки, вреден 17,8 милиони евра, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.
Опфатени се 12 категории на дејности меѓу кои угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки во изминатите 14 дена, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта. Мерки има и за туристичките агенции.
На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите. Дополнително ќе добијат по 15.200 денари финансиска поддршка за секое вработено лице за што ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра со која ќе бидат опфатени 6.000 угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.
Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свабди, евент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата.
Mинистерот за финансии Фатмир Бесими на денешната заедничка прес-конференција во Владата на која беа презентирани мерките од шестиот пакет антикризни мерки кажа дека важно е што последните пакети кои ги донесе Владата покрај кризната поддршка, имаат и развоен карактер.
" Oвие мерки ќе придонесат во реализирањето на целта на шестиот пакет на мерки, а тоа е поттикнување на ликвидноста на стопанството, поддршка на компаниите кои ќе инвестираат годинава и ќе делуваат на забрзување на економскиот раст, како и во насока на поддршка на дејностите кои беа целосно затворени во третиот бран на кризата, рече Бесими.
Од денеска аплицирање за финансиска поддршка за плати од петтиот пакет мерки
За ВМРО ДПМНЕ ,пак, шестиот пакет мерки е задоцнет. Од таму посочуваат дека мерките нема да ги покријат загубите на најкритичните стопански дејности затоа што не одговараат на моменталната економска состојба во државата
"Скандалозно е носењето мерки дури по цел месец рестрикции, откако беше воведен полицискиот час, со кој се ограничи движењето на населението во вечерните часови, токму во времето кога погодените економски сектори го остваруваат приходот", се наведува во соопштението на опозициската партија.