Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март.
Денеска ќе бидат објавени правилниците, согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи.
За мерката се издвоени 31 милиони евра, а барањата ќе може да ги достават до 30 април. Ова го соопштија на заедничка прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на која и најавија дека денеска на Влада ќе се разгледува и Шестиот сет на мерки, за што набрзо ќе информираат на посебна прес-конференција.
Mерките ќе имаат позитивни ефекти, но економијата бавно ќе заздравува
За оваа антикризна мерка се издвоени 1,9 милијарди денари од буџетот, односно 31 милиони евра, а со неа ќе се опфатат околу 60 илјади работници. За секој работник ќе биде исплатена поддршка од 14.500 денари до 21.776 денари по месец. Висината на поддршката ќе биде утврдена во зависност од процентот на намалување на приходите на фирмите во последните три месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период претходната година.
Во месецот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број вработени споредбено со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот.