Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска во Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери и двајца пратеници заразени со ковид-19 кои дојдоа на гласање во Собранието.
Опозициската партија смета дека со тоа е прекршен Кривичниот законик во делот за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија.
Собранието ги донесе антикризните мерки, гласаа и пратеници во скафандери
Претходно и Левица и нејзините пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднесоа кривична пријава против пратениците Бисера Костадинова-Стојчевска од Битола и Мирослав Богдановски од Скопје, како и против претседателот на Собранието Талат Џафери.
За СДСМ, пак, кривичните пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица се неосновани и претставуваат "доказ дека овие партии не можат да се помират со фактот што Собранието конечно ги изгласа законите со кои помошта, по два месеци блокади и опструкции, деновиве конечно пристигнува кај работниците".
"ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници Левица не можат да се помират ниту со тоа што се донесени важни закони на 32 седница за кои тие не гласаат а се однесуваат на националната стратегија за спречување корупција, за набавка на вакцини, за заштита на животната средина", се наведува во соопштението на СДСМ.
Пратениците заболени од коронавирус со скафандери и заштитна опрема пред неколку дена дојдоа во Собранието за да овозможат кворум за работа.