Бајден - За договор меѓу Косово и Србија се потребни компромиси

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден ѝ порача на косовската претседателка Вјоса Османи дека го поддржува продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија, што треба да се финализира со меѓусебно признавање на двете држави, но смета дека во тој процес се потребни компромиси.

Во писмото до Османи, што нејзиниот кабинет го дистрибуира денеска до приштинските медиуми, Бајден вели дека САД ќе ги поддржат напорите за постигнување траен мир меѓу двете држави.

„САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за постигнување траен мир преку продуктивен дијалог меѓу Косово и Србија и конечен сеопфатен договор за нормализација, што веруваме дека ќе се финализира со меѓусебно признавање“, пишува Бајден.

Според американскиот претседател, нормализацијата на односите со Србија е од суштинско значење за Косово „за да го реализира својот потенцијал за интеграција во евроатлантските структури“.

„Знам дека за да се постигне тоа се потребни флексибилност и тешки компромиси и на тој пат Соединетите Држави ќе бидат ваш партнер во секој чекор“, порача Бајден.