Филипче - Со стратешкиот договор со „Торлак“ обезбедуваме сигурен извор на вакцини во иднина

Венко Филипче

Многу е веројатно дека вакцината против КОВИД-19 ќе стане сезонска, а имајќи го предвид досегашното искуство и проблемите, во периодот што следи, српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“, ќе биде наш стратешки партнер за набавка на вакцини, најави министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес-конференција со српскиот колега Златибор Лончар.

На прашање од МИА, за какво стратешко партнерство станува збор, Филипче појасни, дека било разговарано за капацитетите кои ги има институтот „Торлак“ за производство на месечно ниво, откако ќе започне со производство, како и за проценките за потребите на Србија и земјите од соседството.

„Сметам дека производствениот капацитет ќе биде сосема доволен, за првиот следен момент кога ќе бидат потребни вакцини, да ги обезбедиме од институтот „Торлак“. На тој начин, согласно тоа како ќе се одвива пандемијата и препораките за вакцинација и дали евентуално ќе треба и трета доза или можеби оваа вакцина ќе стане сезонска, да обезбедиме еден стабилен и сигурен извор од каде можеме да добиеме вакцина“, изјави Филипче.

Во однос на тоа дали ваквиот стратешки договор, ќе ги наруши односите со другите производители, Филипче рече дека во овој момент веќе имаме нарачано доволна количина вакцини од повеќе производители, кои се доволни за да се постигне саканиот процент на имунизација на населението.

„Тоа значи дека за секој следен чекор или секоја следна набавка, која треба да ја направиме, прво место на кое ќе се обратиме, а согласно капацитетите за производство, нашите потреби целосно ќе бидат задоволени, ќе биде институтот „Торлак“, рече Филипче.

Српскиот министер за здравство Лончар информира дека во Србија досега против ковид-19 се вакцинирале нешто под 15 илјади македонски државјани.

„Најмалку што можеме да направиме за македонските граѓани кои се вакцинираа против КОВИД-19 во Србија е да ја добијат втората доза тука и во најлош случај да бидат ревакцинирани на местото каде што се вакцинирале. Тоа е наш принцип, но секогаш можеме да се договориме да ги отстапиме вакцините за ревакцинација и втората доза да ја добијат во нивната земја ако им е полесно“, порача Лончар.