Отвораме на 14 мај и ова треба да биде јасно. На 14 мај отвораме, порача министерот за туризам на Грција Харис Теохарис од Парламентот, одговарајќи на пратеничко прашање на претседателката и пратеничката група на Движење на промена за туризмот.
Теохарис објасни дека владиниот план за туризмот веќе почна да се спроведува, а првиот чекор беше направен вчера со отворање за државјаните на ЕУ и пет други земји и истакна дека ќе продолжат со мали отворања се до 14 мај, кога ќе може да се отвори туризмот и за Европската унија и „за други 15 трети земји, кои се најсуштински и важни“.
За копнените граници рече дека отворањето започна постепено со дозволен влез во Грција преку Бугарија и од уште еден премин, а не само од Промахонас (Кулата) како што беше досега, истакнувајќи дека ќе отворат сите гранични премини.
Тој објасни дека постојат пет точки и предуслови за безбедно отворање, а првиот е негативен тест или потврда за вакцинација за еден турист да влезе во Грција и истакна дека за ова „не постои алтернатива“.
„Ова е предуслов за сите земји. Не може некој да дојде ако не е вакциниран, ако не покаже дека оздравел или ако нема негативен тест за да влезе. Ова важи за сите“, истакна Теохарис и додаде дека по случаен избор, на посетителите ќе им се вршат брзи тестови, па дури и на оние кои што се вакцинирани, што всушност е и втората безбедносна точка.
Третата е карантинот, односно изолацијата во хотелите-карантин на оние кои ќе бидат позитивни и тоа заедно со нивните семејства.
Теохарис објасни дека е веќе одлучено и ќе се спроведе вакцинација на вработените во туризмот како приоритетна група, но само откако ќе заврши процесот на имунизација на најранливите категории.