Тимот лекари кои сакаат да го прегледаат затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални биле одбиени од затворот, каде што тој добива лекарска помош поради влошување на здравјето. Навални веќе три недели штрајкува со глад.
Личната докторка на Навални, Анастасија Васиљева и шефот на Алијансата на лекарски синдикати, денеска соопштија дека група лекари дошле до затворот и побарале да го видат Навални, но безуспешно чекале неколку часа.
„Ни беше кажано да дојдеме во 8 изутрина со пасоши, но не нè пуштија“, напиша Васиљева на Твитер.
Здравјето на гласниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин драматично се влошува во последните денови и тој може да добие срцев удар во секој момент, вели Васиљева и тројца други доктори, меѓу кои и кардиолог, во писмото до Руската федерална затворска служба од минатата недела во која бараа пристап до Навални.
Опозиционерот беше префрлен во болница во друг затвор за време на викендов, а затворските власти рекоа дека неговата здравствена состојба е задоволителна.
Навални почна штрајк со глад на 31 март во знак на протест против недостигот на третман за неговите заболувања на грбот и нозете. Неговата сопруга информира дека тој ослабнал 17 килограми.
Адвокатот на Навални, кому му било дозволено да го види клиентот неколку минути, рече дека тој изгледа лошо.
Западните лидери изразија загриженост за здравствената состојба на Навални.
Во меѓувреме руските власти апсат поддржувачи на Навални ширум земјата.