Бугарскиот амбасадор во Москва повикан во руското МНР по шпионскиот скандал

Поглед на Софија

Бугарскиот амбасадор во Москва е повикан во руското Министерството за надворешни работи, еден месец откако Софија протера двајца руски дипломати во последниот од низата шпионски скандали поврзани со Русија.

Бугарското Министерство за надворешни работи ги прогласи двајцата руски дипломати за „персона нон грата“ на 22 март, поради тоа што спроведувале активности „некомпатибилни“ со нивниот дипломатски статус.

Руската амбасада тогаш ги нарече овие одлука „неосновани“ и соопшти дека Москва го задржува правото да возврати.

Бугарија има блиски културни, историски и економски врски со Русија, која е главен енергетски партнер на земјата, но односите меѓу двете земји се погодени од неколку шпионски скандали во изминатите години.

На 19 март, бугарските власти објавија дека разбиле шпионска група која ѝ оддавала воени тајни на Русија. Обвинителите соопштија дека шест лица, вклучително и поранешни и сегашни воени разузнавачи, биле приведени и обвинети за оддавање класифицирани информации за Бугарија, НАТО и ЕУ на руската амбасада во Софија.

Воениот окружен суд во Софија одреди притвор за петмина од нив, додека шестиот е пуштен да се брани од слобода, објави новинската агенција БТА.
Од октомври 2019 година, Бугарија, која е членка на НАТО и ЕУ, протера петмина дипломати и вработени во руската амбасада обвинети за спроведување разузнавачки активности.