Косово се надева на признавање од Грција

Илустрација: Приштина

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала примила покана од Грција официјално да ја посети таа земја, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството во Приштина.

Изворите на РСЕ велат дека Грвала со задоволство ќе одговори на поканата, но засега не можат да кажат кога посетата во Атина ќе се реализира.
Грција е една од петте земји членки на Европската унија кои сè уште не го признале Косово, меѓутоа таа држава има своја Канцеларија за врски во Приштина. Покрај Грција, косовската независност сè уште не ја признале ниту членките на ЕУ Словачка, Кипар, Романија и Шпанија.

Поканата до Грвала да ја посети Атина е упатена преку шефицата на грчката Канцеларија во Косово, Крисула Алифери, на средбата што на 15 април ја имала со косовскиот премиер Албин Курти.

На средбата Курти побарал од Алифери Грција да се приклучи на државите кои ја признале независноста на Косово, но според ставот на официјална Атина, објавен на веб-страницата на Канцеларијата за врски во Приштина, прашањето на признавање зависи од резултатот на дијалогот меѓу Косово и Србија.

Од косовското МНР велат дека официјална Приштина и Атина веќе имаат добри билатерални односи и додаваат дека „Косово е мошне заинтересирано за продлабочување на меѓуинституционалната соработка со Грција“.

„Косово е посветено на јакнењето на оваа соработка во иднина, а со цел тоа да резултира со признавање од Грција, како значајна земја за нас во ЕУ и во регионот, велат од Министерството, додавајќи дека „Косово е оптимистичко по тоа прашање, имајќи го предвид зацврстувањето на односите меѓу двете земји.

Независноста на Косово досега ја признале 117 земји, а последното признавање стаса од Израел на почетокот на февруари годинава.

Воспоставувањето дипломатски односи на Косово и Израел се случи по одлуката за признавање која е утврдена со Вашингтонскиот договор за нормализација на економските односи меѓу Приштина и Белград, потпишан на 4 септември 2020 година во Белата куќа со посредство на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп.