Советниците Џо Бајден и Владимир Путин денеска разговараа за можностите за организирање на првиот самит на американскиот и рускиот претседател и ќе ги продолжат тие разговори, соопшти Белата куќа. Минатата недела американскиот претседател му предложи на својот руски колега во телефонски разговор да се сретнат ова лето во трета земја на самит чија цел ќе биде стабилизирање на односите меѓу двете ривалски сили, кои сега се на најниско ниво. Финска и Австрија изразија подготвеност да им бидат домаќини. Москва покажа интерес за понудата, но санкциите и контрасанкциите од страна на двете земји беа во центарот на вниманието воминатата недела.
САД воведе нови санкции против Русија
Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан телефонски разговарал со генералниот секретар на рускиот Совет за национална безбедност, Николај Патрушев. Белата куќа соопшти дека двајцата, покрај низа теми поврзани со билатералните односи, регионалните и светските прашања, разговарале за изгледите за одржување на претседателскиот самит САД и Русија и одлучиле да „останат во контакт“. Рускиот совет за национална безбедност одделно соопшти дека разговарале за „подготовките за состанокот“, како и за важноста од започнување билатерален механизам за стратешка стабилност, развојот на настаните во врска со иранската нуклеарна програма и „нуклеарните проблеми на Корејскиот полуостров“. Инаку, Путин ќе учествува преку видео-врска на самитот за климата што Бајден го организира в четврток.