Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставниците на двете најголеми верски заедници во земјава, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, и поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи.
Филипче на Фејсбук објави дека со верските лидери се согласиле дека сите чинители треба активно да придонесат во битката против пандемијата на Ковид-19, при што договориле интензивна комуникација во следниот период.
„На средбата разговаравме за актуелната состојба со коронавирусот при што им укажав на ризиците кои ги носи групирањето на верниците во затворени простории за време на претстојните верски празници“, наведува Филипче.
Средбата доаѓа откако Филипче на 9 април оваа година ги повика лидерите на МПЦ и на ИВЗ да упатат апел кон верниците да останат дома за претстојните празници и да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби, поради „сериозната епидемиолошката слика“, којашто, како што наведе, може дополнително да ја искомплицира состојбата во болниците.
Во изминатиов период, од февруари наваму, земјата беше зафатена од силен бран на коронавирусот, со голем број на заболени, хоспитализирани и смртни случаи на дневно ниво.
Во меѓувреме Владата донесе рестриктивни мерки кои важат до 20 април, како полициски час од 20 до 5 часот наутро, затворање на угостителските објекти, додека обложувалниците и казината работат под посебни протоколи. Комисијата за заразни болести предложи Владата истите мерки да ги продолжи до 27 април.
Владата денеска соопшти дека доколку биде потврден трендот на опаѓање на бројките на заразени и хоспитализирани од Ковид-19, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите во перидот од 27 април до 15 мај оваа година, соопшти денеска Владата.