ЕУ воведе санкции против воената хунта во Мјанмар

Архива - Протест против воениот удар во Мјанмар.

Европската унија воведе санкции за припадниците на воената хунта во Мјанмар кои ја презедоа власта во земјата по воениот удар извршен на 1 февруари.

Во соопштението се наведува дека девет члена на Државниот административен совет на Мјанмар, кој беше формиран еден ден по државниот удар, се цел на санкции со забрани за патување и замрзнување на средства.

Санкции беа воведени и врз министерот за информации Ју Чит Наинг.

Во Службениот весник ЕУ посочува дека Државниот административен совет на Мјанмар е „одговорен за кршење на демократијата и владеењето на правото“.

„Воените сили и властите кои работат под контрола на Државниот административен совет од 1 февруари извршија сериозни повреди на човековите права со убиства на цивили и на невооружени демонстранти“, се вели во соопштението.

Воена хунта во Мјанмар на 12 април поднесе ново обвинение против соборената лидерка Аунг Сан Су Ки, која побара да се состане лично со нејзините адвокати по неколкунеделниот контакт исклучиво преку видео врска и во присуство на безбедносни службеници

Шестото по ред обвинение е поднесено против 75-годишната добитничка на Нобелова награда, која не е видена во јавноста од притворот во раните утрински часови на 1 февруари по извршениот воен удар.

Су Чи е обвинета за кршење на законот донесен за контрола на ширењето на коронавирусот, што е уште едно обвинение против неа донесено според истиот закон.

Таа веќе се соочува со обвиненија за нелегално увезување токи-воки, нивна нелиценцирана употреба, предизвикување јавни немири и кршење на законот за службени тајни.