По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, а дигитализацијата ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедијални содржини, соопшти Министерството за образование и наука во врска со новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој, како што наведува, е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои ја надминале класичната употреба на учебниците.
Можноста за користење повеќе од еден учебник по секој предмет, според МОН, ќе ги насочи учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења.
Со дигитализацијата, пак, учениците полесно ќе пристапуваат до материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедијални содржини – филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи, а поедноставно ќе биде и ажурирањето со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година.
„Но, имајќи ја предвид автономијата на наставниците во изборот на материјали и средства за настава, тие може да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, односно училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници. Така што, материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудиоформат“, информира МОН.
Министерството посочува дека инклузивноста е основен принцип врз кој е создадено новото законско решение кое, меѓу другото, ќе обезбеди и учебници без грешки, нелогичности и стереотипи, како и содржина која ќе биде напишана на авторски јазик разбирлив за учениците и соодветната возраст на учениците.
Со новиот закон е предвидено печатени учебници да се користат во наставата до трето одделение, а повозрасните основци и средношколците да учат од електронски учебници.