ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави поради присуството на ковид-позитивни пратеници во Собранието

Никола Мицевски, архивска фотографија

Од парламентарната група на ВМРО-ДПММНЕ соопштија дека утре ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство за вчерашните настани во Собранието, кога беше дозволено двајца пратеници позитивни на ковид -19 во скафандери да присуствуваат и да гласаат за точки од дневен ред на две седници.

„На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на коишто функционира според сите меѓународни извештаи, изјави денеска на прес-конфереција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Мицевски смета дека вчера во Собранието се случило дерогирање на правниот систем и наместо тоа да биде пример за работење во согласност со Устав и закон, собранискиот претседател и пратениците од мнозинството давале пример како не треба да се работи.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, цела недела најавуваа, а тоа се потврди и со самиот чин на гласање, дека ќе дадат поддршка на петтиот сет економски мерки.

Мицевски изјави дека вчера биле прекршени членовите 205 и 206 од Кривичниот законик бидејќи, како што рече, никој не е над законите, вклучително и Претседателот на Собранието и пратениците и одговорност мора да има.

Вчера во Собранието во скафандери дојдоа двајца пратеници, пратеничка од СДСМ и пратеник од ДОМ за да гласаат за законите кои беа на 32 седница, а потоа и за 36-та на која беа законите од петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството.