Руската затворска служба соопшти дека затворениот опозициски лидер Алексеј Навални ќе биде пренесен во затворска болница во затвор во близина на сегашниот поради загриженост дека неговата здравствена состојба драматично се влошува на 20-тиот ден од штрајкот со глад што тој го почна.
„Во моментов, здравствената состојба на Алексеј Навални се проценува како задоволителна. Тој е прегледуван секој ден од општ лекар. Со согласност на пациентот, му беше препишана витаминска терапија“, соопшти денеска Сојузната казнено-поправна служба на Русија за регионот Владимир.
Непосредно пред почетокот на викендот, личниот доктор на Навални и тројца други лекари, меѓу кои и кардиолог, со писмо до руската Федерална затворска служба побараа пристап до 44-годишниот Навални, велејќи дека тој може да добие срцев удар во „секој момент“.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, викендов предупреди дека критичарот на Кремљ, кој едвај се спаси по напад со нервен гас Новичок, може да умре за неколку дена ако не се преземат мерки.
Претходно денеска Европската унија изрази „длабока загриженост“ за здравјето на Навални. Шефот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел повикува на негово итно и безусловно ослободување и ги повика руските власти веднаш да му овозможат на Навални пристап до „лекарите на кои им верува“. Ден претходно и американската администрација порача дека Русија „ќе има последици“ доколку Навални умре во затвор.
Навални беше уапсен во јануари при неговото пристигнување од Германија, каде се лекуваше откако му се слоши на лет во Сибир. Потоа во европските лаборатории беше дефинирано дека е отруен од нервен агенс Новичок. Навални го обвини рускиот претседател Путин дека го нарачал труењето. Кремљ тоа го негира.