Врвни советници на лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија ќе се сретнат денеска за да нацртаат пат за можен самит насочен кон ублажување на тензиите во источна Украина. Разговорите следат откако лидерите на Украина, Франција и Германија во минатата недела ја повикаа Русија да ја повлече насобраната војска во близина на украинската граница и во окупираниот Крим, поради загриженоста за намерите на Москва. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бара четиристрани разговори според таканаречениот Нормандиски формат, во кои ќе учествуваат лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија. Франција и Германија се медијатори во украинскиот конфликт од 2015 година.
Украина вели дека Путин избегнува разговори за зголемувањето на руските трупи
За да се подготви за можен самит со рускиот претседател Владимир Путин, Зеленски се состана со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз на 16 април. На двајцата подоцна им се придружи и германската канцеларка Ангела Меркел преку видео-врска. Соединетите држави и НАТО соопштија дека рускиот воен состав е најголем од 2014 година, кога Москва нелегално го анектираше Крим и ги поддржа сепаратистите на истокот на Украина во конфликт во кој загинаа повеќе од 13 000 луѓе. Кремљ негира дека воените движења се закана и се суверено прашање.