Шефовите на дипломатиите на ЕУ за вмешаноста на Русија во експлозиите во Чешка

чешкиот премиер Андреј Бабиш

Министрите за надворешни работи на Европската унија ќе се состанат денеска за да разговараат за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиштето за муниција во Чешка во 2014 година, обвинение за кое Москва вели дека е „апсурдно“ и дека е знак за влијанието на Вашингтон врз Прага. Претходно чешката влада најави дека денеска ќе ја отстрани ознаката на строга доверливост и ќе го објави извештајот на чешката служба за безбедност БИС и докази за основано сомневање дека агенти на руската служба ГРУ учествувале во експлозии на муниција во магацини во Врбетице во 2014 година. Чешките власти протераа 18 дипломати од руската амбасада во Прага, по Што Москва протера 20 чешки дипломати.

Чешка протера 18 руски дипломати

Во моментот кога чешкиот премиер Андреј Бабиш ја објави одлуката за протерување на 18 руски дипломати, чешката полиција објави фотографии од двајца руски државјани со имиња од лажните пасоши на Русија, Молдавија и Таџикистан користени во Чешка во 2014 година. „Доказите за вмешаност на Русија се доволни. Не би користел големи зборови. Се случи да бидат убиени двајца чешки државјани и да не шпекулирам за планови или цели. Нанесена е огромна материјална штета и велиме дека зад тоа стојат двајца офицери на ГРУ“, изјави чешкиот вицепремиер и министер за внатрешни работи и привремено министер за надворешни работи Јан Хамачек кој сепак одби да оцени дали станува збор за државен руски тероризам или директна руска агресија против Чешка.