Пендаровски ги потпиша законите од петтиот пакет мерки

Претседателот Стево Пендаровски ги потпишa Указите за прогласување на законите кои се однесуваат на т.н. петти пакет на економски мерки

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги потпиша Указите за прогласувањето на законите од таканаречениот петти пакет економски мерки. Во соопштението од неговиот Кабинет е наведено дека претседателот Пендаровски ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата.

Пендаровски, како што се наведува во соопштението, без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година.

„Во однос на уставноста и законитоста во работењето на Собранието, претседателот на државата нема надлежност истата да ја преиспитува, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд. Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е „достоен за функцијата која ја извршува”, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години“ се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Во него е посочено дека Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот.
„За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози“, е наведено во соопштението.

За Мицкоски денешната седница е тероризам, а не „27 април“, Заев згрозен

Претходно лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати јавен повик до Пендаровски да не ги потпишува законите донесени на денешната седница во Собранието затоа што, како што вели, тоа е акт на теророзам, а не „ 27 април“.

„Претседателе Пендаровски, доста се криеш, бекни нешто. Застани зад правото, законите и Уставот. Тоа што Заев дозволил да биде заложник на Талат Џафери, тоа што пратениците од СДСМ одлучија да бидат слуги на инаетот и фрустрацијата на еден човек, нека биде нивен срам, ти имаш можност барем еднаш да покажеш дека си достоен за функцијата која ја извршуваш и не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница,“ напиша Мицкоски на Твитер.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвинува дека собраниската седница е акт на тероризам

Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи. Тој потсетува дека најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, но, како што се вели во соопштението од Кабинетот, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија.

Денеска во Собранието беа донесени низа закони на две последователни пленарани седници. Меѓу нив беа и Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за месеците февруари и март 2021 година, Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година и Законот за изменување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка. Последниот пакет економски мерки беа изгласани со 115 гласа „за “ од пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата.