Чешките власти соопштија дека ги информирале НАТО и ЕУ за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиште со муниција во 2014 година, по што одлучија да протераат 18 руски дипломати. Русија смета дека „тоа е апсурдно обвинение под влијание на Вашингтон врз Прага“. Прага протера 18 дипломати обвинувајќи ги дека се шпиони откако чешки разузнавачи ги поврзаа руските воени агенти со експлозија при која починаа две лица и настрада 50 тони муниција.
Протерувањето на дипломатите и обвинувањата на Чешка го отвора најголемиот спор со Русија по тој во 1989 година при крајот на комунистичкото владеење, кога Прага беше под доминација на Москва. САД и Велика Британија изразија поддршка на Чешка во спорот.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш на вонредна прес конференција изјави дека одлуката за протерување на Русите е донесена врз основа на „ недвосмислени докази “ обезбедни од истражителите од чешките разузнавачи и безбедносните служни.
„Постои основано сомневање во врска со улогата на припадниците на руското воено разузнавање во експлозијата на складиштето за муниција во Врбетице во 2014 година. Чешка мораше да реагира на овие невидени откритија на соодветен начин,“ изјави Бабиш.
„Ние го подржуваме нашиот НАТО сојузник, Чешка, додека таа се справува и го истражува малигното однесување на Русија на нејзината територија“, изјави за РСЕ официјален претставник на НАТО.
Чешка протера 18 руски дипломати
Претставник на руската амбасада во Прага потврди дека за протерувањата бил известен амбасадорот Александар Змејевски и дека бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи.
При експлозијата на 16 октомври 2014 година во магацинот во Врбетице во источниот регион Злин на Чешка загинаа две лица, а настрадаа 50 тони муниција. Два месеци подоцна на истото место се случи уште една експлозија при што беа оштетени 13 тони муниција.
Мотивите и причините за експлозијата никогаш до сега во јавноста не беа откриени. Според досегашните објавени информаци се уште е не јасно дали станува збор за нови разузнавачки информации поради кои е донесена одлука за протерување на руските дипломати.
Руското министерство за надворешни работи денеска изјави дека обвинувањата кои доаѓаат од Прага се пример за „непријателски потези против Москва“ кои вклучуваат и преименувања на плоштадот каде што е сместена руската амбасада со име на убиениот поранешен критичар на Кремљ, како и отстранување на статуа на генерал од советското време поставен во населба во Прага.
„Ние ќе преземеме одмазднички мерки што ќе ги принуди авторите на оваа провокација во целост да ја увидат одговорноста и подледиците од уништувањето на нормалните билатерални односи“ се вели во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Во продолжение на соопштението е наведено дека овој потег е само продолжение на низата антируски активности кои ги презема Чешка во последните години, и дека е тешко, како што пишува, да не се види американската позадина на ова, имајќи ги в предвид последните нови американски санкции против Москва.
Чешкиот министер за внатрешни работи Хамчек во интервју за чешка телевизија изјави дека Русија веќе започнала процедура за реципрочно протерување на чешки дипломати од Москва, но се уште не знае за колку точно станува збор.
Според медиумски објави на чешкиот весник „Респект“ муницијата складирана во магацинот што експлодирал била намената за Украина, која во 2014 година се бореше со проруски сепаратисти за областа Крим. Во Респект, било наведено дека одреден бугарски трговец со оружје по име Емилијан Гекрет бил организатор на договорот за продажба на оружјето за Украина.