Пратеници во скафандер најавуваат присуство на собраниската седница за антикризни мерки

Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка од СДСМ ќе оди во Собрание да гласа, во скафандер затоа што е позитивна на ковид-19

Пратеничката од владејачкото мнозинство Бисера Костадиновска Стојчевска која е позитивна на ковид-19 на својот фејсбук профил најави дека ќе присуствува на денешната закажана седница во Собранието и дека ќе биде облечена во заштитена опрема односно скафандер. Таа објави дека е на пат кон Собранието со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествува на денешната седница на која треба да ги усвојат законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании.

„Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот - но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата“ напиша таа на Фејсбук.

Антикризните мерки во Собранието - ќе се надминат ли партиските интереси?

Пакетот антикризни мерки кои пратениците денеска ќе треба да го изгласаат, се однесува на парична помош за 20 илјади компании и околу 150 илјади граѓани. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36-та пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32-та седница на која меѓудругото треба да се гласа и за Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 до 2022 година.

Претходно кооординаторот на пратениците на СДСМ Јован Митревски за емисијата „360 степени“ изјави дека ако постигнатиот договор на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и неговиот колега од Алтернатива, Африм Гаши за законот за државјанство не придонесе за нормализирање на работата на Собранието, тогаш ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид-19 да ги донесат во собраниската сала облечени во скафандери и да учествуваат во гласањето .