Сојузот на синдикати на Македонија денеска побара од сите пратеници да покажат разумност и утре да го изгласаат петтиот пакет антикризни мерки со кој меѓу другото е предвидена финансиска поддршка за плати за февруари и март. Петтиот пакет на мерки е блокиран веќе три месеци во Собранието. Од ССМ се вчудоневидени од односот на пратениците кон егзистенцијалните прашања на работниците и неизгласувањето на петтиот пакет мерки кој е неопходен за зачувување на работните места.
„За прв пат работодавачи побараа помош и поддршка од ССМ, а кои повеќе не можат да го издржат притисокот поврзан со обезбедување на нивна егзистенција и егзистенција на нивните семејства. Не дозволувајте како пратеници, подадената рака од работникот денес, да стане стисната тупаница утре,“ наведува ССМ.
Пленарната седница на која на дневен ред се ставени економските мерки е закажана за утре во 14 часот. Во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери е наведено дека прво е закажана 32-та пленарна седница, а веднаш по неа ќе се продолжи со 36 -тата седница на која на дневен ред се економските мерки за справување со последиците врз бизнисот предвизвикани од здравствената криза поради пандемијата.