Османи: Не може да има дијалог со Србија додека во Косово умираат луѓе

Вјоса Османи, претседателка на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека дијалогот со Србија не може да биде приоритет во ситуација кога луѓето во нејзината држава „умираат во недостиг на вакцини“ против Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната средба со амбасадорот на Белгија во Приштина, Жан-Луј Серве, Османи изјавила дека главна преокупација на косовските власти во актуелната ситуција е обезбедувањето вакцини.

„Не можеме да говориме за дијалог со Србија додека луѓето ни умираат во недостиг на вакцини. Вакцините се приоритет и ќе го направиме и невозможното, во соработка со нашите партнери, истите да ги обезбедиме“, порача Османи.

Вјоса Османи и официјално стана претседателка на Косово

Амбасадорот Серве, според соопштението од претседателскиот кабинет ѝ ги пренел на Османи честитките од белгискиот крал за неодамнешниот избор на чело на косовската држава и нагласил дека неговата земја „ќе продолжи да го поддржува Косово на неговиот европски пат, како и во јакнењето на меѓународниот субјективитет“.