Законот важи еднаво за сите и нема недопирливи, иако Драги Рашковски беше секретар во мојот кабинет, изјави денеска премиерот Зоран Заев за приведувањето на поранешниот генерален секретар и барањето за негов притвор од 30 дена.
Сепак, додаде премиерот, треба да се почитува презумција на невиност и дека судот треба да го каже последниот збор, а во врска со набавката на софтверот за МВР од страна на Рашковски, за кој случај тој е приведен, Заев рече дека „таа јавна набавка била спроведена согласно со законите и деловникот за работа на Владата“.
„Тоа е она што јас го видов, може да се докаже дека истражните органи имале поинакво гледање, но на крај ќе пресече судот, негов е конечниот став. Не може да го осудиме човекот пред судот“, рече Заев.
Премиерот нагласи дека е важна пораката дека „никој не е недопирлив, но и никој не е виновен додека не му се докаже вината“.
Заев негира дека ја држи страната на Рашковски, и повтори дека иако можеби е пристрасен, конечниот збор ќе ги кажат институциите.
Полицијата денеска ги привела поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и сопственикот на фирмата „Инвока Груп“ Даниел Станчев по наредба на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал за случајот со набавката на софтвер кој што МВР со месеци не го користело.
„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка,“ се вели во соопштението на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал.
Во продолжение е наведено дека летото во 2019 година првосомничениот донел одлуки за јавна набавка за потреите на софтвер иако во тоа време не бил склучен договор за таков софтвер. Обвинителот побарал притвор за Рашковски и Станчев, затоа што како што се вели во соопштението, постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци додека за останатите осомничени даде предлог на судот да им определи мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето.