Парламентарното претседателство денеска ќе заседава на иницијатива на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за да разговара како ќе продолжи со работа законодавниот дом, по прекинот на синоќешната седница без да биде донесен петтиот сет на антикризни мерки.
На состанокот на претседателството, согласно законот, ќе присуствуваат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Фадил Зендели, како и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова. На вчерашната седница Џафери најави дека ќе побара карантин за Собранието.
Синоќешната седница на Собранието заврши тензично, а причина беше со која седница ќе продолжи да работи Собранието со 32-та или 36-та на која на дневен ред е петтиот пакет економски мерки кои треба да им помогнат на граѓаните погодени од економската криза предизвикана од ковид епидемијата.
Собранискиот спикер Талат Џафери вечерва по паузата ја закажа 32-та седница, на која меѓудругото треба да се гласа и за Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 до 2022 година, а веднаш по неа 36-та за економските мерки.