Со која седница ќе продолжи да работи Собранието со 32-та или 36-та на која на дневен ред е петтиот пакет економски мерки кои треба да им помогнат на граѓаните погодени од економската криза предизвикана од ковид епидемијата, беше причина во Собранието да дојде до тензична атмосфера.
Собранискиот спикер Талат Џафери вечерва по паузата ја закажа 32-та седница, на која меѓудругото треба да се гласа и за Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 до 2022 година, а веднаш по неа 36-та за економските мерки.
Но координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека нивните пратеници ќе излезат и ќе стојат пред салата, а ќе влезат кога на ред ќе дојдат економските мерки. Тоа го револтира Џафери, кој речиси два часа се обраќа на висок тон. Тој прво почна по име да ги чита пратениците кои се потпишале дека се присутни, 101 вкупно, по што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ влегоа во салата. Целата јавност да слушне кои се пратениците кои се запишале како присутни и утре ќе бараат патни трошоци, рече Џафери како образложение зошто тоа го прави.
„Јас тука зборувам за процедура, не за желба. Одбивавте да бидете во собранието на два пати. Имаме изолирани пратеници. И 25 март до сега не одржавте комисија за финансирање и буџет, и тука мене ми зборувате дека јас го кочам донесувањето на мерките. Тоа е срамота. Што мислите вие, дека јас јадам слама тука. Не водам кладилница, државна институција водам. Вие поднесовте 2000 амандмани за законот за државјанство. Ако сакам и три часа ќе зборувам, три месеци ме тупите тука. Цел ден ми тупите со медиумите. 101 пратеник се потпишани, влезете да се донесат одлуките и работете“, изјави Џафери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски инсистираше да биде закажана 36-тата седница.
„За да ја скратиме оваа работа драмолетка, немате кворум тоа е факт. Слабо ви е мнозинство и тоа е факт, не се сите пратеници тоа е факт. За да скратиме овие драмолетки. Ве молиме, констатирајте дека немате кворум за 32-рата седница, ставете ја седницата 36 да ги изгласаме законите. Џабе тропате, граѓаните ви тропаат, ги чекаат парите, дајте да ги гласаме. Ве молиме еден месец. Ајде закажете ја 36-тата седница“, рече Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, пак, рече дека има болни пратеници од Ковид19 и ги повика да влезат колегите од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како не ви е срам, за борба за живот збориме. Цел ден сте во ГТЦ, се потпишавте за патни трошоци. Граѓаните чекаат да земат плата, аман влезете”, рече Митревски.