САД воведе нови санкции против Русија

Американскиот претседател Џо Бајден

Американската влада воведе серија финансиски санкции против Русија и одлучи да протера десет руски дипломати како одговор на сајбер нападите и руското вмешување во изборите во Соединетите Американски Држави во 2020 година.

Претседателот на САД Џо Бајден го потпиша указот со кој ќе биде можно и дополнително да се казни Русија ако „продолжи или ги фаворизира“ своите акции кои доведуваат до меѓународна дестабилизација, се наведува во соопштението од Белата куќа.

Американското министерство за финансии им забранува на американските финансиски институции директно купување на долгот кој Русија ќе го издаде по 14 јуни оваа година. Се воведуваат и сакции против шест руски технолошки компании кои се поврзуваат со сајбер активности на руската разузнавачка служба и против 32 личности и ентитети кои во име на руската влада се обиделе да влијаат на ланските претседателски избори во САД.

Американскиот амбасадор во Русија веднаш беше повикан во Министерството за надворешни работи, а портпаролката Мариа Захарова рече дека тоа „немало да биде пријатен состанок за него“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно денеска изјави дека американските санкции не идат во корист на организацирање на средбата на претседателите на САД и Русија која претходно ја предложи Вашингтон.