Советот на општина Центар без одлука за суспензија на ДУП за паркингот кај Холидеј Ин

Презентација на идејното решение на инвеститорите за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Без одлука за нова суспензија на спорниот Детален урбанистички план за парцелата спроти Холидеј Ин заврши попладневната денешна седница на советот на општина Центар. Во жестока атмосфера по едночасовно дебатирање за информацијата која ја предложи градоначалникот на општината Саша Богдановиќ за оваа тема, претседателката на Советот Цветанка Симоновска ја прекина седницата. Таа изјави дека не ја гледа целисходноста на дебата во која Советот само разгледува информација, без обврска да донесе некаква одлука, затоа што на дневен ред не било ставено такво нешто.

„Затоа што не можеме да донесеме ниту препорака, ниту заклучок, ниту одлука за суспензија, а сите се на штрек очекуваат такво нешто, а тоа не беше ниту точка на дневен ред“ рече Симоновска.

Претходно министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека денеска се очекува на Совет на општината да се донесе одлука за понатамошно делување за спорниот ДУП.

Градоначалникот Богдановиќ во своето излагање во Советот зборуваше за можните штетни финансиски последици за општината доколку се донесе нова одлука за суспензија на ДУП по која ќе бидат обврзани според новиот закон со рок од најмалку 6 до најмногу 12 месеци да изработи нов ДУП.

„Морам да го предупредам Советот и јавноста дека ако се тргне во постапка за суспензија бидејќи имаме временско ограничувањеи не се постигне посакуваниот ефект може да се соочиме со штета која ќе треба општината да ја плати“ изјави Богдановиќ.

Откако инвеститорот МГ Фешн ги уплатил комуналииите на сметка на општина Центар и Град Скопје, почнува да тече рокот од 15 дена во кој општина Центар треба да издаде дозвола за градба на проектот „Гранд“. Станува збор за изградба на три висококатници со вкупно 400 станови и инвестиција вредна 60 милиони евра.

Невладини организации и универзитетски професори вчера бараа од централната и локалната власт да ја сопрат постапката со која во центарот на градот се предвидува изградба на како што велат „ бетонско чудовиште“. Инвеститорот пак на прес конференција при презентација на проектот навести дека ќе биде изграден урбан и зелен проект.