Протест на КСС- бараме почитување на законите и на колективните договори

Скопје- Протест со возила на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) под мотото „Доста е, претеравте“

Почитување на законите и почитување на колективните договори, ова се двете барања кои пред Зградата на Владата ги кажа претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски. Тие денеска организираа протест со возила кој почна од кај Македонската телевизија, а продолжи преку булеварот „Кочо Рацин“, до Собранието и заврши пред Владата.

„Ако не не се сослушаат деновиве донесовме одлука да продолжиме понатаму. Ќе биде порадикално и помасовно, денеска беше само предупредување“, рече Ралповски.

Од Конфедерацијата тврдат дека нема социјален дијалог, дека нема почитување на минималната плата, има проблеми со неработната недела, нема 100 отсто боледување за ковид-19, а има притисоци врз синдикалните лидери. Мотото на протестот беше „Доста е, претеравте“.