Министерството за внатрешни работи во врска со денешниот брифинг за медиуми на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека биле издавани лични документи на исти лица со различни матични броеви информира дека ваквата појава започнала во 1981 година. Од МВР тврдат дека по откривањето на ваквата појава почнале со поништување на тие матични броеви и дека таа постапка веќе подолг период е во тек, а дека голем дел од овие матични броеви се поништени.
„Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20 000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги во предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“, наведува во соопштението Министерството за внатрешни работи.
Од таму се повикуваат на Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година. Велат дека определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 01.01.1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година и дека во тој временски период направени се грешки, а дека дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени и технички пропусти. Од полицијата тврдат дека досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година, а дека во Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“. Според него, покрај аферата Мафија, каде што структури на власта, како што рече, „издавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броеви“.
„Според информациите што ги добивме во Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви. Едно лице со два матични беоеви го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата можат да ги злоупотребуваат државните институции, банките..., рече Мицкоски.
.