Уставниот суд на денешната седница ја разгледа иницијативата поднесена за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, но гласањето беше одложено со цел претседателот на Уставниот суд да поднесе иницијатива до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за проверка на евентуален судир на интереси на судиите со Еуростандард банка, што е од значење за понатамошниот тек на постапката.
По добивањето на информацијата од Антикорупциската комисија, како што велат од Уставниот суд, ќе продолжи постапката за овој предмет. Седницата претходно на двапати беше одложена на 25 март и на 7 април поради состојбата со ширењето на коронавирусот.
Оштетените штедачи, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка денеска организираа собир пред Уставниот суд.
„Денеска сме повторно пред Уставниот суд, со надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава. Денеска повторно на дневен ред пред Уставниот суд е одлуката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки“, наведуваат штедачите.
Според нив, членот 163 став 3 од Законот за банки претставува генератор што продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.